Свахилски јазик

Свахилски, свахили или кисвахили — јазик од групата на банту јазици и мајчин јазик на народот Свахили. Јазикот се зборува од различни заедници во регионот на Африканските Големи езера и во делови од Југоисточна Африка, поточно во делови во Танзанија, Кенија, Уганда, Руанда, Бурунди, Мозамбик и ДР Конго. Сроден јазик на свахилскиот е коморскиот јазик, кој понекогаш се смета за еден од дијалектите на свахилскиот јазик.

Иако само околу 5 милиони луѓе го зборуваат јазикот како мајчин јазик, тој е лингва франка во Источна Африка. Вкупниот број на луѓе што го зборуваат јазикот надминува над 140 милиони. Јазикот е службен во Танзанија, Кенија и Уганда и признат е како еден од службените јазици на Африканската Унија.

Дел од зборовниот фонд на свахилскиот е по потекло од арапскиот јазик, како директна последица на контактите на Свахилите со Арапите. Покрај арапскиот, јазикот црпел зборови и од англискиот, францускиот, германскиот и португалскиот јазик.