Вулканска бомба

Вулканска бомба — маса од стопена материјал (тефра) поголем од 64 мм во пречник, кој се образува кога еден вулкан исфрла вискозни парчиња лава при избув. Се стврднува во цврсти парчиња пред да падне на земја. Бидејќи се ладат откако ќе излезат од вулканот, се сметаат за истиснати магматски карпи. Напати вулканот ги исфрла на далечина од повеќе километри, па во летот добиваат аеродинамичен облик. Бомбите можат да бидат многу големи. Во 1935 г. избувот на Асама во Јапонија исфрлил бомби со пречник од 5–6 м на далечина до 600 м од отворот. Вулканските бомби се значајна опасност, и предизвикуваат сериозни повреди и смрт за оние во засегнатото подрачје. Еден таков настан е избувнувањето на вулканот Галерас во Колумбија во 1993 г. кој, при ненадејниот избув, усмртил шестмина и сериозно повредил неколкумина други. На 16 јули 2018 г. се повредени 23 лица на туристичко бротче кај вулканот Килауеа поради бомба со големина на кошаркарска топка.

Понекогаш вулканските бомби знаат да експлодираат под притисок на внатрешните гасови при нивното ладење, но најчесто прават штети поради удари, или предизвикуваат пожари откако ќе паднат. Експлозиите се најчести кај бомбите од видот „корка“.