官话 ( Мандарински јазик )

Мандаринскиот јазик (кин. 官话, пинјин: Guānhuà, мктр. гуанхуа = „функционерски говор“) претставува целина од наречја што се говорат ширум северна и југозападна Кина. Бидејќи највеќето дијалекти се сместени на северот од земјата, групата се нарекува и „северен говор“ (北方话, Běifānghuà). Сепак, североисточното и југозападното наречје се толку различни, што луѓето можат да се разберат само ако општат на стандардниот јазик, претежно поради разлики во тоновите и лексиката. Меѓутоа, и покрај ова, разликите во рамките на мандаринските наречја се значително помали од оние помеѓу разните јазици во Кина. Се смета дека ова се должи тоа што мандаринскиот почнал да се шири релативно неодамна, но и поради полесното општење помеѓу луѓето во споредба со југот на земјата, кој е планински.

Мандаринските наречја, особено пекиншкото, се основа за стандардниот кинески јазик, кој исто така се нарекува „мандарински“, „путунгхуа“ (普通话, Pǔtōnghuà = „општ говор“) или „гуоји“ (國語, Guóyǔ = „национален јазик“). Стандардниот кинески е службен јазик на НР Кина и Тајван, еден од четирите службени јазици на Сингапур и еден од шесте јазици на ООН. Земајќи ја мандаринската група во целост, јазикот има највеќе матични говорници во светот (речиси милијарда). Овие говори уживаат таков статус поради тоа што низ голем дел од историјата на земјата, главниот град се наоѓал во тоа говорно подрачје. Почнувајќи од првите децении на XX век, ваквиот мандарински претставувал државен и дефакто стандард во Кина, но и како говор на значаен дел од кинеската дијаспора во светот.