阴阳 ( Јин и јанг )


Јин и јанг (упр. 阴阳; трад. 陰陽; пинјин: yīnyáng) — еден од основните концепти во кинеската филозофија, кој се користи за да се опише како спротивните сили се следат меѓусебно, и взаемно си ги заменуваат местата. Концептот го среќаваме во бројни гранки од класичната кинеска наука и филозофија, но исто така и во основите на традиционалната кинеска медицина. Концептот за јин и јанг е централен принцип на неколку видови боречки вештини и вежби, како што се таи чи чуан, кунг фу и кигонг.
Многу од природните дуалитети, како што се светло и темно, машко и женско, ниско и високо – се оформени според кинеската мисла за јин и јанг.

Врската меѓу јин и јанг често се опишува како сончева светлина која си игра над планина и над долина. Јин (буквално „сеновито место“ или „северен наклон“) е темната страна, додека јанг (буквално „сончево место“ или „јужен наклон“) е светлата страна. Како што се движи сонцето по небото, јин и јанг постепено си ги заменуваат местата, откривајќи го непознатото, и криејќи го познатото.

Карактеристиките кои му се припишуваат на јин најчесто се: бавно, меко, нематеријално, раширено, студено, влажно, и мирно. Генерално се поврзува со женско, раѓање и создавање, како и со ноќта. Спротивно на тоа, јанг е брзо, тврдо, цврсто, суво, насочено, врело и агресивно. Се поврзува со машкиот принцип и со денот.